САНАЦИЈАТА НА БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ НА РМ

САНАЦИЈАТА НА БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ НА Република Македонија– процес на рехабилитација на банкарскиот систем, започнат во март 1995 г., кој вклучува три групи активности: 1) отстранување на обврските од билансите на банките врз основа на девизните штедни влогови на граѓаните, депонирани во времето на СФРЈ; 2) отстранување на побарувањата и обврските од билансите на банките врз основа на користените странски кредити и 3) реструктурирање на Стопанска банка АД – Скопје. Обврските врз основа на девизните штедни влогови депонирани во времето на СФРЈ (во износ од околу една милијарда долари) се преземени од македонската влада. Странските кредити одобрени од Парискиот клуб на кредитори (во износ од 262 милиони долари) се пренесени на Агенцијата за санација на банка. Заради нејзината големина и доминантната положба во македонскиот банкарски систем, Стопанска банка АД – Скопје е подложена на посебна програма за финансиска рехабилитација. Од нејзиниот биланс се отстранети обврските врз основа на девизните штедни влогови од времето на СФРЈ (во вредност од 18,8 милијарди денари), како и обврските и побарувањата за користените кредити од Парискиот клуб (во износ од 8,4 милијарди денари). Исто така, ненаплатливите кредити на банката, во износ од речиси 5 милијарди денари, се пренесени кај Агенцијата за санација на банка, која за овој износ издава обврзница со рок на отплата од 15 години. Најпосле, за да се намали доминацијата на Стопанска банка АД – Скопје, од неа се издвојуваат пет филијали, кои се формираат како посебни банки. Сепак, мерките за финансиско реструктурирање на Стопанска банка АД – Скопје не ги даваат очекуваните резултати и банката и понатаму продолжува да се соочува со ликвидносни проблеми с“ до нејзината продажба на три стратешки инвеститори во текот на 2000 г. Притоа, на приватизација на Стопанска банка АД – Скопје $ претходи втор бран на финансиско реструктурирање, кога од нејзиниот биланс се отстранети ненаплатливите побарувања од четири претпријатија, во противвредност од 120 милиони евра. ЛИТ.: Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006, 141-145. Г. П. Едоардо Сангвинети