РУДНИЦИ ЗА ТРАВЕРТИН ВО РМ

РУДНИЦИ ЗА ТРАВЕРТИН ВО РМ. Травертинот е познат на територијата на Република Македонијапод името бигор. Тоа е лесен и шупликав камен што се користи во градежништвото во форма на украсен камен. Може лесно да се обработува и да се полира, со што има широка употреба во градењето и фасадирањето на згради. На територијата на Македонија наоѓалишта на травертини се утврдени во околината на Косоврасти и Бањиште кај Дебар, во околината на Катлановска Бања, во околината на Скопје, кај Липково (Кумановско), наоѓалиштето Велмеј во Охридско-кичевскиот регион, кај с. Бошава во Тиквешијата, во околината на Тетово и Манастир (Мариовско). Речиси во сите тие наоѓалишта травертинот има мошне убава медно-жолта боја и лесно се обработува. Денес во Република Македонијаактивно работат неколку рудници на травертин, од кои посебно треба да се издвојат наоѓалиштето Кучково и Свиларе кај Скопје, Велмеј во Охридско и помали копови кај Мариово. За посебно одбележување се блоковите извадени од Кучково и Свиларе, кои имаат пријатна жолтеникава боја и нагласена компактност. Тоа Камениот мост во Скопје од травертините од овие наоѓалишта. Покрај блокови, во денешното производство се прават и плочи со различни димензии и во различни форми. ЛИТ.: Б. Филиповски, Геолошки состав и рудно богатство на СР Македонија, Скопје, 1974. Т. Сер.