РИСТЕСКИ, Стојан

РИСТЕСКИ, Стојан (с. Лешани, Охридско, 2. Ⅺ 1932) – унив. професор, културно-национален и јазично-литературен историчар, филолог и публицист. По завршувањето на Филоз. факултет во Скопје, докторира на Универзитетот во Приштина и станува гимназијален професор, просветен инспектор во Охрид и професор по мак. јазик и литература на универзитетите во Приштина и во Ниш и на Факултетот за туризам во Охрид. Врз основа на истражувањата на историјата на мак. писмен и литературен јазик, литературата, фолклорот, национално-револуционерната историја и културата, осветлувајќи многу помалку познати профили од нашето културно-национално минато, објавува над 40 посебни монографски истражувања, документарни зборници и учебници, како и бројни статии во дневниот и периодичниот печат во земјата и во странство. БИБ.: Естреја Овадја Мара, Горнји Милановац, 1978; Литературни испитувања, Скопје, 1983; Создавањето на македонскиот литературен јазик, Скопје, 1988; Григор Прличев. Нови страници, Охрид, 1989; Легенди и преданија за св. Наум, Скопје, 1990; Нродни приказни,преданија и обичаи кај Египќаните/Еѓупците во Македонија, Охрид, 1991; Една необјавена македонска граматика, Охрид, 1991; Преспа под Албанија и нејзини народни умотворби, Охрид, 1993; Судени за Македонија, Скопје, 1993 (Ⅱ дополнето изд., Охрид, 1995); Судени за Македонија,2, Охрид, 1996; Литературно-фолклорни прилози, Охрид, 1999; Навраќања на историски теми, Охрид, 2000; Прилози за историјата на македонскиот јазик, Ох-рид, 2000; Чудата на Свети Наум, Охрид, 2005; Охридски митрополиски кодекс, Охрид, 2005. ЛИТ.: Васил Дрвошанов, Творештвото на Стојан Ристески, Скопје, 2002. Бл. Р. Данило Ристиќ