РЕИЗОВСКИ, Дамјан

РЕИЗОВСКИ, Дамјан (околу 1770 – 1834) – протомајстор. Градел цркви во околината на Солун и по селата на Овче Поле и Гевгелиско. Во Бугарија градел во Самоков и во Пловдив. Негово најзначајно дело е Соборната црква „Св. Богородица“ во Скопје, која ја завршуваат неговите синови (во 1835). Ги поставува темелите на преродбенската сакрална архитектура во Македонија. Се застапува за синтеза на домашната традиција со неоренесансни и необарокни форми што е прифатено и развиено од неговите синови Андреја и Коста. Црквата „Св. Богородица“ е уништена во пожар (1944), нејзината реконструкција е започната во 2004 г. Освен со архитектура, се занимавал и со сликарство. Зачувани се скици за икони и фрески. ЛИТ.: К. Томовски, Македонските мајстори градители во деветнаесеттиот век, МАНУ, Скопје, 2006, 40–42. Кр. Т.