РАЗЛОВЦИ

РАЗЛОВЦИ – село во Делчевско. Се наоѓа во Разловечката Клисура, од двете страни на реката Брегалница, на надморска височина од околу 700 м. Со регионален пат на север е поврзано со Делчево, а на југ со Берово. Тоа е населено со Македонци, но нивниот број е во опаѓање. Во 1953 г. во него живееле 1.344 ж., а во 2002 г. тој број се намалува на 826 ж. Населението се занимава со овоштарство и шумарство. Р. е познато историско село. Во него е кренато Разловечкото востание (1876), предводено од Димитар Попгеоргиев–Беровски и Поп Стојан од с. Разловци. Има осумгодишно училиште и здравствена станица. Ал. Ст.