ПРОКОПИЕВ, Трајко

ПРОКОПИЕВ, Трајко (Куманово, 6. Ⅺ 1909 – Белград, 21. И 1979) – композитор и диригент. Еден од петтемината основоположници на современиот музички живот во РМ, на творечки и на организационен план. Музика учи на Белградската музичка школа, во класата на М. Милоевиќ. Како студент учествува во музичките настани во Белград, станува асистент на Милоевиќ во Белградското пеачко друштво и член на Колегиум музикум на Белградскиот универзитет. По дипломирањето, во Скопје работи со Пеачкото друштво „Мокрањац“, а во истоименото музичко училиште како наставник по виолина (1934). Член е и на тогаш формираниот Скопски гудачки квартет. Во двегодишниот престој во Лесковац (1935-1937) го води Друштвото „Бранко“. Потоа, повторно е наставник во Скопје и до почетокот на НОБ (1941) диригент на Хорското друштво „Слога“ и наставник по музика на Богословијата во Сараево. По војната, П. се зафаќа со многустрана творечка дејност. Непосредно по Ослободувањето го формира хорот при Главниот штаб на НОВ на Македонија. Назначен е за прв директор на Средното музичко училиште во Скопје (декември 1944). Учесник е и во формирањето на сите професионални тела и институции, диригент и советник на повеќе аматерски хорски друштва, диригент на Оркестарот во Радио Скопје и на Оперскиот оркестар, а потоа и на Симфонискиот оркестар на Филхармонијата. Во Прага студира диригирање кај П. Дједечек (1946/47). Од 1958 до 1964 г. е директор на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Творечкиот опус на П. е мошне богат и разновиден. На преден план доаѓаат неговите хорски дела, во кои се открива како мајстор на вокалната лирика. Централно место во неговото хорско творештво зазема циклусот „Кумановки“ – шест композиции што се вбројуваат меѓу најубавите страници во хорската музика на македонските автори. Во зрелиот творечки период авторот се зафаќа со неколку крупни вокално-инструментални дела: балетот „Лабин и Дојрана“ и оперите „Разделба“, според драмата „Печалбари“ од А. Панов, и „Кузман Капидан“, според истоименото дело од В. Иљоски, инспирирано од поемата „Сердарот“ од Гр. Прличев. Др. О.