ПОП СТОЈАН

ПОП СТОЈАН (Разловци, ок. 1800 – Рилски манастир, 1876) – црковен и револуционерен деец, еден од организаторите и водачите на Разловечкото востание (1876), најблизок соработник и дедо на Димитар Попгеоргиев-Беровски. Се грижи за организирањето и набавката на оружје и учествува во востаничките борби. Поп Стојан е запомнет од народот како главен подготвувач, поради што востанието било нарекувано Попстојаново. Животот го завршил во Рилскиот манастир – според пишувањето на син му, тој се самоубил, а според Д. П. Беровски, тој е убиен од манастирската стража. ЛИТ.: Ристо Поплазаров, Ослободителните вооружени борби на македонскиот народ во периодот 1850–1878, Скопје, 1978, 253–265; Танас Вражиновски, Македонски историски преданија, Скопје, 1992, 190-195; Александар Трајановски, Димитар Поп-Георгиев – Беровски (1840– 1907), Штип, 1990. Б. Р.-Ј.