ПОЛОШКО-КУМАНОВСКА ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА на МПЦ

ПОЛОШКО-КУМАНОВСКА ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА на МПЦ (1971) – формирана со седиште во Скопје, Епархијата географски ги опфаќа тетовскиот, гостиварскиот, кумановскиот, кратовскиот и кривопаланечкиот регион. Епархиски архијереј е Неговото Високопреосвештенство Митрополитот полошко-кумановски Кирил (Поповски) од нејзиното формирање. Епархијата има пет намесништва: Тетовско, Гостиварско, Кумановско, Кратовско и Кривопаланечко. Најпознати се манастирите: „Св. Атанасиј“ – Лешок (Тетово), „Св. Јоаким Осоговски“, Крива Паланка, „Св. Ѓорѓи“ – Старо Нагоричани (Куманово), „Св. Наум Охридски“ – Попова шапка (Тетово), „Св. Ѓорѓи“ – Дељадровце и др. Во Полошко-кумановската епархија има над 220 храмови, од кои 200 цркви и 22 манастири, 200.000 верници со 60 свештослужители и монаси. ЛИТ.: Ратомир Грозданоски, Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 2000. Рат. Гр.