ПЛАНИНАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА

ПЛАНИНАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА – се јавува во Скопје и Битола во почетокот на ХХ в. Планинарски секции на некои туристички организации биле основани во Скопје, Битола, Тетово, Прилеп, Кичево, Велес, Штип, Кочани и во други градови (1927– 1941). Подоцна некои од нив прераснале во посебни планинарскоскијачки друштва. Така се изградени и шест планинарски домови (1930–1941). По Ослободувањето се основаат планинарски друштва. Планинарското друштво на чело со генералот Михајло Апостолски и потпретседателот Даре Џамбаз е формирано во Скопско (1944). Набргу бил формиран Одбор при ФИСОМ (1946), потоа Планинарски сојуз на Македонија (ПСМ, 1948), кој имал 62 друштва со 26.000 членови и 26 планинарски куќи со 950 легла (1975). ПСМ основал Горска служба за спасување (1950), организирал курсеви за оспособување кадри, маркација на планинарските патеки, ориентациони натпревари, походи, планинарски тури, слетови, учество во штафетата на младоста, во алпинистички и спелеолошки експедиции и во освојување на Монт Еверест (1984– 1989). Планинарската федерација на Македонија (од 2002) има одбори за планинарење, искачување, алпинизам и спелеологија. ЛИТ.: 30 години физичка култура и спорт, 1945–1975 во СР Македонија, Скопје, 1976. Д. С.