ПИНГ-ПОНГОТ ВО МАКЕДОНИЈА

ПИНГ-ПОНГОТ ВО МАКЕДОНИЈА. Отпрвин се појавува како забава (1932), а набргу се организираат и натпреварувања (1934). Бројот на екипите се зголемува, а активностите се одвивале и за време на окупацијата (1941–1944). Биле формирани секции (од 1945) и посебни клубови (од 1948). Бил основан и Пингпонгарски сојуз на Македонија (ПСМ, 1947). Првото Републичко првенство било одржано во Велес (1947). Повеќекратен екипен републички првак е „Работнички“ од Скопје – за мажи (18 пати) и за жени (15), а поединечно: Миле Петрески (11) и Марија Булатовиќ (седумпати). ПСМ успешно организирал меѓурепублички средби, меѓународно Првенство на Југославија (1962), Балканско првенство (1968), натпревар помеѓу Југославија и Кина во Скопје, Сениорско поединечно првенство на Југославија во Куманово (1986), натпревар Југославија – Полска во Прилеп и др. ЛИТ.: 50 година Столнотениског савеза Југославије, Загреб, 1978. Д. С. Страхил (Страшо) Пинџур