ПАШИЌ, Никола (Заечар, 1845 – Белград, 1926) – српски политичар, лидер на Радикалната партија, по потекло од Македонија. По Илинденското востание, при договарањата со Бугарија за создавање сојуз, бил против автономија на Македонија, категорично изјавил дека на Балканот немало место за нова словенска држава. Пред и во времето на Балканските војни ја предводел српската Влада; постигнал договор за сојуз со Бугарија за поделба на Македонија, а по двете балкански војни Србија го окупирала и го анектирала Вардарскиот дел на Македонија. По Првата светска војна на Мировната конференција издејствувал Србија, односно Кралството на СХС да го добие Струмичко. По војната бил на чело и на неколку влади. ЛИТ.: Карло Сфорца, Никола Пашиђ, Београд, 1991. Д. Јов.