ОРТАКОВ, Драгослав (Гевгелија, 22. Ⅳ 1928 – Скопје, 9. ⅩⅠⅠ 2007) – музиколог и композитор. Втемелувач на современата македонска музикологија. Образованието го стекнал во неколку европски центри (Загреб, кај музикологот Јосип Андреис; Белград, композиција кај Марко Тајчевиќ; Париз, усовршување во класите на Пјер Висмер и Жак шаје). Покренувач е и прв шеф на Одделот за музикологија при ФМУ во Скопје. Пред тоа бил директор на Операта и Балетот, а потоа професор на ФМУ. Во музикологијата негоДрагослав Ортаков виот истражувачки интерес е свртен кон подалечните слоеви на македонското музичко минато, но и кон современите творечки струења. Заедно со Сотир Голабовски се првите што ги поставија темелите на музичката византологија во Македонија. Напишал поголем број статии, дешифрирал поголем број средновековни музички ракописи и има објавено повеќе книги. Творечкиот живот на О. минува низ неколку фази. Најнапред се пројавува како композитор и критичар, кога создава главно камерни и хорски композиции. Потоа (втората половина на седумдесеттите и осумдесеттите години) тежиштето го става врз музиколошките истражувања, а во последната деценија од ⅩⅩ в. повторно ја интензивира својата композиторска активност. Во ова време се јавуваат неколку позабележителни творби, меѓу кои и вокалниот циклус „Ѕидари“. Остана запишан во македонската музичка историја и како автор на првата електронска композиција „Елеорп 76“. ДЕЛ: За музиката (1962); Музичката уметност во Македонија (1982); Арс нова Мацедоника (1986); Огледи за византискословенската музика во Македонија (2001); Вечниот орфеј (2004, коавтор). М. Кол.