ОПШТОМАКЕДОНСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВЕЛЕС

ОПШТОМАКЕДОНСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВЕЛЕС (21. Ⅺ / 4. ⅩⅠⅠ 1912) – тајна конференција на Д. Чуповски со претставници од целата окупирана Македонија за договор за перспективите на земјата и народот. Во моментот кога трупите на балканските сојузници ја окупираа територијата на Македонија, па К. Мисирков стигнува во Солун, д-р Г. Константинович како доброволец во Воената болница на Цетиње, Д. Чуповски тргнува од С.-Петербург и преку Софија и Скопје стигнува во Велес, каде што по претходен договор со П. Попарсов, И. Попјорданов, А. Мартулков, Р. Ризов, А. Коробар и претставници од Штип, Кочани, Радовиш, Костур, Серес и Драма, се одржува собир во куќата на А. Ј. Коробар, на кој се постигнува согласност Македонската колонија во С.-Петербург да биде ополномоштен претставник за заштита на интересите на Македонија во Русија и во странство, а Д. Чуповски и П. Попарсов да отпатуваат во Париз и Лондон за да дејствуваат пред Лондонската мировна конференција за самостојна или автономна Македонија. Чуповски успева да се врати во Русија, но Попарсов не може да ги премине окупаторските граници. Македонската колонија во руската престолнина на 1. Ⅲ 1913 г. го објави Меморандумот потпишан од ополномоштените Македонци и (заедно со отпечатената „Карта Македониа по програма на Македонските народници“) го испрати до Лондонската амбасадорска конференција. ЛИТ.: Р. Ризов, Страници от миналото, „Македонско дело“, И, 9, шВиенаќ, 10. И 1926, 5–6; Алексо Мартулков, Моето учество во револуционерните борби на Македонија, Скопје, 1954, 265–266; Д-р Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878–1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, Ⅱ, Скопје, 1978, 40–61. Бл. Р.