ОВОШЕН РАСАДНИК

ОВОШЕН РАСАДНИК – површина на која се произведува овошниот саден материјал. Од квалитетот, здравствената состојба и автентичноста на садниците во најголема мера зависи успехот на овошниот насад. Грешките се откриваат доцна и не можат да се поправат. Затоа, производството на садниот материјал е законски регулирано. Во социјалистичкиот период во РМ имаше десетина овошни расадници. Последниве 5–6 г. овошен саден материјал произведува само Институтот за овоштарство од Скопје (годишно околу 150.000 садници). Б. Р.