НАКОВ-СКУБЕ, Перо

НАКОВ-СКУБЕ, Перо (Куманово, 1919 – Скопје, 13. Ⅺ 1942) – комунистички деец и организатор на НОАВМ. Бил шивач во Куманово (до 1935), а потоа во Бел-град, каде што се вклучил во синдикалното движење и станал член на СКОЈ (1935), подоцна и на КПЈ. По враќањето во Куманово (1939) бил секретар на МК на СКОЈ и член на МК на КПЈ во Куманово (1941). Бил учесник на Мајската партиска конференција на МК на КПЈ во Куманово (1941) и член на Месниот воен штаб (од почетокот на септември 1941). По разбивањето на кумановските партизански одреди (октомври 1941), се илегализирал во Скопје, Тетово и Гостивар како инструктор на ПК на КПЈ за Македонија (ноември 1941 – март 1942), по што бил повлечен на партиска работа во Скопје како командант на Месниот воен штаб и секретар на ПК на СКОЈ за Македонија (пролетта 1942). Бил еден од организаторите на атентатот на бугарскиот агент Мане Мачков, по што бил уапсен (август 1942), осуден на смрт (2. Ⅺ 1942) и обесен во Скопскиот затвор. ЛИТ.: Драгољуб Димовски – Методи Петровски, Перо Наков, Скопје, 1974; Светозар Наумоски, Револуционерната дејност на партиските инструктори на ПК КПЈ за Македонија во Гостиварско-мавровскиот крај во втората половина на 1941 (Перо Наков и Кузман Јосифовски-Питу), Бигорски научно-културни собири 1980–1981, Скопје, 1983, 143–151. С. Мл.