МОНОПОЛ

МОНОПОЛ – пазарна структура, во која едно единствено претпријатие (продавач) ја креира вкупната понуда во економскиот сектор и има силно влијание врз висината на цената на доброто или услугата. Моќта на монополот да влијае врз висината на цената е дотолку поголема доколку за доброто или услугата на монополот не постои соодветна супституција – производ или услуга што задоволуваат горе-долу иста потреба. Наспроти комерцијалниот, постои и природен монопол. Природниот монопол е типичен за оние економски сектори што бараат вложување на големи капитали, бенефитираат од економии од обем (поради масовното производство, фиксните трошоци на единица производ се мали) и оттука општествено е неисплатливо повеќе претпријатија да ја вршат дејноста во секторот. Во таков случај државата (владата) дава ексклузивно право едно единствено претпријатие да ја врши дејноста во секторот со што, де фацто, креира природен монопол. Типичен пример на ваков монопол се една железница, едно електростопанство или гасовод и сл. Пазарната структура на РМ, како мала земја, според критериумот – број на учесници што ја креираат понудата во одделни сектори, покажува релативно висока монополизираност. Некои анализи за Македонија (се однесуваат за втората половина на деведесеттите години) потврдија егзистенција на приватен монопол во осум сектори (производство на деривати од нафта, производство на кожа и крзно, преработка на каучук, производство на сточна храна и сл.) и егзистенција на природен моно-пол, исто така, во осум сектори (железница, електростопанство, поштенски и телекомуникациски услуги и сл.). Меѓутоа, силата на монополите (и на комерцијалните и на природните) се релативизира ако во анализата се вклучат и други критериуми: можност за супституција на добрата и услугите, еластичност на побарувачката, увозна конкуренција, дерегулација, приватизација и влез на нови економски субјекти во дејноста, воспоставување на владина антимонополска политика и регулација на природните монополи и сл. штетите од постоењето монополи во Македонија, како и во секоја друга економија, се бројни: загуби од ограничувањето на производството од страна на монополите, со што потрошувачите (граѓаните и бизнисите) плаќаат високи цени, загуби од лошото управување со монополите, загуби од барањето рента (поткупување на регулаторите), загуби од намалувањето на конкурентноста и ефикасноста на вкупната економија и сл., поради што инволвирањето на владата во ограничувањето на економската сила на приватните и природните монополи е неопходно: (в. државна регулација на економските сектори и Комисија за заштита на конкуренцијата). ИЗВ.: Д. Новачевски, Од совршена конкуренција до монопол – некои аспекти на деловната концентрација во македонското стопанство, „Годишник“, на Економскиот факултет – Скопје, Скопје, 2001. Еуџенио Монтале