МИНЧЕВ, Никола

МИНЧЕВ, Никола (Кавадарци, 20. Ⅹ 1915 – Скопје, 6. Ⅳ 1997) – учител, борец, политичар и државник. Како учител бил припадник на прогресивното младинско движење (од 1935), учесник во НОБ (1941), член на КПЈ и на МК на КПЈ во Кавадарци (1942), командант на НОПО „Добри Даскалаов“ (1943), командант на Третата оперативна зона на НОВ и ПОМ, политички секретар на Третиот областен комитет на КПМ, делегат на Првото заседание на АСНОМ, повереник за изградба на народната власт во Федерална Македонија (дек. 1944), министер за образование во Првата влада на НРМ (16. Ⅳ 1945), член на ЦК и на Политбирото на ЦК на КПМ и член на Извршниот комитет на ЦК на СКМ. Бил и на високи државни функции – претседател на Извршниот совет (влада) на НРМ, член на СИС на Југославија, претседател на Собранието на СРМ, републички и сојузен пратеник. Носител е на Партизанска споменица 1941. ЛИТ.: ДАРМ – Скопје, ракописна биографија, ф. „Биографии“. Вл. Ив.