МЕДИЦИНСКИ ЦЕНТРИ ВО МАКЕДОНИЈА – организационен облик од областа на здравствената заштита што ги обединува дејностите на здравствениот дом и на општата болница заради обезбедување примарна, специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита во една функционална целина. Мед. ц. се формирани по одлуката на сојузно и републичко ниво (1964) за интеграција на здравствените установи. Реформите во здравствениот сектор по 2000 г. предвидуваа измени во прописите со кои се укинува овој вид здравствена организација, па медицинските центри (2004) се укинати со Закон („Сл. весник на РМ“ 10/2004) и се поделени на здравствени домови и општи болници како самостојни здравствени организации, со цел да се разграничи примарната од секундарната здравствена заштита. Д. Д.