МЕГЛЕНСКА ЕПАРХИЈА на Охридската архиепископија

МЕГЛЕНСКА ЕПАРХИЈА на Охридската архиепископија (Ⅺ в.) – спомната и во хрисовулите на царот Василиј Ⅱ (1019). Освен Мегленска, во Ⅺ в. е нарекувана и Воденска епархија. Ги опфаќала териториите северно од Лерин во Централниот дел на Македонија до Просек (Демир Капија) и Мариово. Кон крајот на Ⅺ в. од Мегленската епархија се одвоил градот Ениџе–Вардар со околијата и била формирана нова Сланичка епархија. Подоцна двете епархии, Мегленската и Сланичката, се споиле, а седиштето на епископот било во Воден. Познати мегленски епископи се св. Иларион Мегленски и Герман, како и новомаченичката св. Злата Мегленска. ЛИТ.: Иван Снегаров, История на Охридската архиепископия, И–Ⅱ, второ фототипно издание, София, 1995; Р. Груји¢, Мегленска епархија, во: Азбучник Српске православне цркве, Београд, 1993; Јован Белчовски, Охридска архиепископија од основањето до паѓањето на Македонија под турска власт, Скопје, 1997. Рат. Гр.