МАЧУКОВСКИ, Венијамин (Васил) Христов (с. Мачуково, Гевгелиско, пред 1847 – Цариград, 1878) – македонски граматичар, преродбенски просветен и црковен деец, собирач на народни песни и обичаи и публицист. УШТЕ млад се закалуѓерува во Зографскиот манастир и од П. Зографски е ракоположен за ѓакон. Потоа патува во Цариград (1861), учи во унијатското училиште во Солун (1862–1864) и како ѓакон патува со монсињор Турок во Париз и во други градови во Франција (1863). Одржува контакти со Ст. Верковиќ и по негови упатства собира народно творештво, стари книги и монети, го следи дневниот и периодичниот печат од Цариград, а од Србија и од Романија ги добива позначајните изданија од областа на историјата и политиката што се важни за Македонија. Лично и со помош на други прави опис на Мегленската каза и на с. Мачуково (1864). Го напушта унијатското училиште, но чекајќи да биде испратен за школување во Белград, станува учител во Кукуш (1865) и ѓакон во црквата во Ениџе-Вардар. Со препорака од Руската мисија, се запишува во Херсонската духовна семинарија, каде што го завршува Ⅴ клас (1866–1869), но поради здравствени причини (по негова молба) е ослободен и се враќа во Македонија. Голем восхит доживува од средбата со Г. Ст. Раковски во Одеса (1866) и во писмата му изразува патриотска готовност „да умре за народност и отечество“ (1869). Враќајќи се, во Цариград е уапсен поради носење револуционерна литература. Минувајќи низ Солун добива покана да им биде учител и од мај 1870 г. ја презел должноста, станувајќи истовремено и член на Црковноучилишната општина и нејзин писар. Го кани (од името на Општината) и П. Божигропски да дојде од Солун во Воден за „да са трудиме за ползата на народот“. На 11 мај 1871 г. на прославата на Св. Кирил и Методиј и Мачуковски држи говор во црквата. Како учител во Кукуш, го објавува во в. „Право“ своето „Објавление за бугарска граматика на македонското наречје“ (16. Ⅷ 1872), објаснувајќи: „Изучувањето на бугарската граматика во македонските училишта е еден од најтешките предмети за учениците, заедно со тоа е и најбестолковен. Тој им одзема доста долго време, и тоа не пречи пак да немаат поим од граматиката. Тоа произлегува од несообразеноста во граматичките форми на досегашните издадени буг. граматики со оние на македонското наречје“. По острата реакција од бугарскиот печат излегувањето на македонската граматика е спречено. За да се тргне од Македонија, бугарскиот егзарх го препорачува (27. Ⅸ 1873) да биде примен како студент „во Московската духовна академија“. Од 15. Ⅷ 1874 г. тој ги полага предвидените испити за прием и е запишан на Академијата, но бидејќи пак тешко се разболува, по совет на лекарот (6. Ⅵ 1875) и овојпат ја напушта Русија. Во учебната 1875/76 г. станува учител во Гуменџе и граматиката ја предава според својот ракописен учебник. Во летото 1876 г. е веќе редактор на в. „Источно време“, а кон крајот на март 1877 г. го основува и го редактира в. „ЦариградÍ“. Во времето на Српско-турската војна пишува во грчките весници „Траки“ и „Фили“. Наклеветен, пак бил уапсен и пратен на заточение на Родос (1877). По рускотурскиот мир (1878) се враќа болен во Цариград и умира во една руска болница. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Венијамин Мачуковски, автор на првата македонска граматика, „Разгледи“, В, 7 (107), 7. Ⅳ 1958, 1–2 и 10; истиот, Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја, И, Скопје, 1989, 148–184. Бл. Р.