МАТОВСКИ, Никола (Скопје, 22. Ⅶ 1939) – универзитетски професор, правник. Завршил гимназија (1957) и дипломирал на Правниот факултет во родниот град (1961), каде што бил избран за асистент по предметот Кривично процесно право со криминалистика (1964), потоа за предавач (1969), за вонреден (1979) и за редовен професор (1985). Магистрирал на Правниот факултет во Загреб (1967), а докторирал на Правниот факултет во Скопје, на тема „Улогата на бранителот во кривичната постапка“ (1977). Бил декан на Правниот факултет во Скопје (1985–1987) и претседател на Здружението на Обединетите нации за РМ (1991–2001). Објавил повеќе научни и стручни трудови во домашни и во странски списанија од областа на кривичното процесно право. БИБ.: Казнено процесно право – Општ дел, Скопје, 2003. Св. ш. Славко Матовски