МАКЕДОНСКИ ПОШТИ. Поштенскиот сообраќај на територијата на денешна РМ има вековна традиција. Во древна Македонија тој е воспоставен уште во времето на Филип Ⅱ и Александар Ⅲ Македонски. Во времето на Римското Царство патот Виа Егнатиа играл значајна улога во функционирањето на римската пошта. Византија ги задржала сите римски поштенски установи. Првата државна пошта на територијата на Македонија турските власти ја отвориле во Битола (1843), а неколку години подоцна пошти биле отворени во Скопје и во Штип. По Првата светска војна во Скопје било основано поштенско училиште (1921), а подоцна поштата во Скопје добива нова зграда (1939). По Втората светска војна поштите во НРМ биле обновени, а за прв директор на ПТТ-службата на Македонија (со одлука на АСНОМ) бил именуван Благоја Ташев (1915–1950). Во СРМ, ПТТ доживеа сестран развој, особено во периодот 1976–1985 г., кога се изградени капиталните поштенски објекти во поголемите градови на Македонија. Организационата поставеност на поштата се менувала со промените во стопанскиот и политичкиот систем на земјата. Така, Собранието на СРМ во 1989 г. донесува одлука за организирање на РО за ПТТ сообраќај „Македонија“, како јавно претпријатие со 16 основни организации. По осамостојувањето на РМ, ПТТ системот се трансформира во национален ПТТ систем и се приклучува кон светската поштенска структура (12. Ⅶ 1993), кога Македонија е примена во Светскиот поштенски сојуз. Во периодот 1991–1995 и потоа активностите во ПТТ сообраќајот на Македонија се насочени кон отворање нови меѓународни поштенски линии (посебно со соседните земји), автоматизација на шалтерското работење, осовременување на технологијата во поштенските центри, модернизација на транспортните средства за превоз на поштенски пратки, подигање на квалитетот на поштенските услуги и воведување нови услуги. Од почетокот на 1997 г. грб и амблем со татарски штит со Зградата на Македонски пошти во Скопје ЈП „Македонска пошта“, кое вработуваше повеќе од 2000 луѓе и располагаше со разгранета поштенска мрежа (над 300 единици) на целата територија на земјата, врши дејност на јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај, во согласност со Законот за поштенски услуги. Со одлука на Владата на РМ (ноември 2006 г.), ЈП „Македонска пошта“ е трансформирано во Акционерско друштво за поштенски сообраќај во државна сопственост. ИЗВ.: Интерни материјали на АД за поштенски сообраќај во државна сопственост – Скопје. П. Т. „МАКЕДОНСКИ ПРЕГЛЕД“ / „