МАКЕДОНСКА СТУДЕНТСКА ДРУЖБА

МАКЕДОНСКА СТУДЕНТСКА ДРУЖБА (1890–1891) – културно-литературна и националнополитичка асоцијација на македонски студенти во Софија што стана јадро на послешната Млада македонска книжовна дружина. Во годините на бегства и прогонства на учениците и студентите од Македонија во Белград и во Софија, во процесот на созревањето на македонската национална мис-ла, група македонски студенти од Вишото училиште во Софија (претежно од тогаш пребеганите од Белград: Д. Груев, П. Попарсов, Д. Мирчев, Хр. Попкоцев, Н. Наумов, Н. Дејков и др.) кон крајот на 1890 г. тајно организираат една „Студентска дружба“ со цел – сведочи Д. Груев – „заемно да си влијаеме за да се подготвиме за задружна работа, кога бевме решиле по свршувањето на науките сите да се прибереме внатре во Македонија, бидејќи бевме сознале дека таму има нужда од интелигентни сили. Во овој интимен круг веќе се беше породила идејата да се образува револуционерна организација“. За Дружбата се подготвил правилник, во којшто биле назначени и целите – „научни цели, а всушност целта беше да се подбереме за идната работа во Македонија“. Тоа го потврдува и П. Попарсов, додавајќи дека подготвениот правилник бил даден за печатење во Романија, но изгорел заедно со печатницата. По убиството на бугарскиот министер Белчев (март 1891) дел од групата (Груев и Наумов) се уапсени и истерани од факултетот, Дружбата се растура, а по пуштањето затворените бегаат во Македонија и тука (во други форми) ја продолжуваат револуционерната дејност. ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Македонскиот народ и македонската нација, 1, Скопје, 1983, 469–483. Бл. Р.