МАКЕДОНСКА ПАТРИОТСКА ОРГАНИЗАЦИЈА (1922 –) – легална организација на бугарската и македонската емиграција во САД и Канада. Основачкиот конгрес бил одржан во гр. Форт Вејн, Индијана, САД (1–4 октомври 1922), на кој бил избран Централен комитет, а за прв претседател бил избран Атанас Стефанов. На Конгресот бил усвоен Уставот на организацијата, според кој целта на Сојузот на МПО би-ла: „Да се бори на легален начин за прогласување на Македонија во една независна македонска република во нејзините географски и економски граници“. На третиот конгрес, одржан во 1924 г., името на организацијата било променето во Македонска политичка организација. Во Уставот усвоен на конгресот во Охајо (1927), идентичен со првиот, се потенцирало дека во Македонија живееле 1.096.376 Бугари. Во целиот период меѓу двете светски војни МПО била под влијание на Македонскиот национален комитет и на михајловистичката ВМРО. Од Втората светска војна до создавањето на РМ (1991), преку своите печатени и други пропагандни средства, МПО се залагала за отцепување на Македонија од Федерална Југославија, отстранување на комунистичкиот систем и создавање самостојна демократска држава на „македонските Бугари“. МПО издава свој орган „Македонска трибуна“ (Мацедониан Трибуне). Првиот број на весникот излегол на 10 февруари 1927 г. во Индијанаполис, САД. Весникот „Македонска трибуна“, орган на МПО во САД Прв редактор бил Борис Зографов. По создавањето на РМ, од 1997 г. во весникот се печатат и некои статии на македонски јазик со латиница. ЛИТ.: Костадин ГÍрдев, Македонските патриотични организации в Канада, София, 1991; Зоран Тодоровски, Политичките погледи на МПО за ослободување и создавање на независна Македонија, зб.: Иселеништвото од Македонија од појавата до денес“, Скопје, 2001. З. Тод.