ЛОГИКАТА ВО МАКЕДОНИЈА

ЛОГИКАТА ВО МАКЕДОНИЈА .- филозофска дисциплина што ги проучува поимите, принципите и законите што ги користат сите науки во откривањето, засновањето и систематизирањето на знаењата во своите подрачја (пошироко значење). Во ова значење, ги опфаќа логичките дисциплини: теорија на познанието, формална логика и методологија; под потесното значење на поимот логика се подразбира само еден нејзин дел – дедуктивната или формалната логика, која секогаш ги истражува вистинитите искази, независно од содржината (логички закони) и логичките следства. Како теориска и наставна дисциплина, логиката во Македонија се развива од отворањето на Катедрата за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје (1946). Во почетокот, логиката ја предаваа професори од другите универзитетски центри во тогашна Југославија: (в.) Живорад Радовиќ, Богдан шешиќ и Загорка Миќиќ, кои објавија неколку учебници по логика, но истовремено помагаа во оформувањето на сопствен наставно-научен кадар. Наскоро докторски дисертации од оваа област одбранија (в.) Јонче Јосифовски и Митко Илиевски и стекнаа квалификации за самостојна работа на ова поле. Особено заслуга за развитокот на логиката во Македонија има проф. Јосифовски, кој ја воведе современата формална (симболичка) логика во образованието кај нас, а која е основа на целата современа наука и компјутерска технологија. На Институтот за филозофија се реализираа повеќе научно-истражувачки проекти од оваа област: „Логичка анализа и формализација на македонскиот литературен јазик”, „Современи тенденции во теоријата на аргументацијата” и „Македонска логичка терминологија”. Современата логика се развиваше и се афирмираше и низ неколку неинституционализирани фор-ми: Интердисциплинарниот курс (се реализираше континуирано повеќе семестри) „Логика, јазик, вештачка интелигенција”, со предавачи од Филозофскиот, Филолошкиот, Електротехничкиот и Природно-математичкиот факултет и слушатели од разни струки и профили; повеќе години при Институтот за филозофија работи Логичко ателје, во кое учествуваат студенти од разни факултети. Паралелно се развиваа и другите логички дисциплини: теорија на познанието, епистемологија, методологија и др. Општа карактеристика на логиката во РМ е надградувањето и дообликувањето на постојната логичка апаратура, развивањето нови логички средства; нејзина практична примена во различни истражувачки подрачја (лингвистика, право, информатика и др.); филозофското промислување на вредностите, можностите и границите на одделни логичко-методски постапки, како и на консеквенциите од нивната примена. ЛИТ.: В. Панзова, Логика – општа теорија на рационалноста, Скопје, 1999; Филозофски факултет во Скопје: 1920– 1946–2006, Скопје, 2006, 81-87. В. Панз.