ЛИРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ

ЛИРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ -. најобемен фонд и песни со највисоки естетски вредности во народната поезија. Тие ги опеваат народните чувства, не опишувајќи ги настаните што ги придружуваат. Тоа се лични чувства на единката, радост или жалост, воодушевување или разочарување, љубов или омраза и други состојби што ги доживува човекот. Ис-то така, нивна одлика е и синкретичноста, поврзаноста со музиката и играта, но и со обредот и магијата и другите форми на човековиот живот. Спаѓаат во најстарите народни песни и во минатото повеќе биле поврзани со обредите, магијата или други слични дејства, но подоцна се одделиле од нив и продолжиле самостојно да опстојуваат. Ги карактеризира разновидноста на темите, од разните чувства на поединецот, до комплексните односи на човекот со околината, активностите поврзани со календарот и сл. Во нив се величаат позитивните човекови особини, а се осудуваат негативностите – во трудовите песни се велича трудот, во семејните семејството, но и во свадбените, водичарските, лазарските и во некои други песни, во ѓурѓовденските се опева природата и обновувањето на вегетацијата, особено во билјарските песни. ЛИТ.: Кирил Пенушлиски, Одбрани фолклористички трудови, 2, Скопје, 1988; Марко Китевски, Македонска народна лирика (Обредни песни), Скопје, 1997; истиот, Македонска народна лирика (митолошки, трудови, семејни, хумо ристични, љубовни песни), Скопје, 2000; Македонска народна лирика, избор, редакција и предговор д-р Марко Китевски, Скопје, 2002. М. Кит.