ЛАХТОВА, Ката

ЛАХТОВА, Ката (Радовиш, 30. Ⅷ 1924 – Скопје, 24. Ⅱ 1995) – општественик и политичар. Студирала на Земјоделско-шумарскиот факултет. Била заднински активист на НОБ, политички комесар на чета (септември 1944) и на баталјон во Четвртата македонска НО бригада. По Ослободувањето била директор на Музејот на Револуцијата на НРМ (1951–1952), претседател на АФЖ на Македонија (1952–1964), републички и сојузен пратеник, претседател на Сојузот на женските друштва на Македонија, претседател на Конференцијата за општествена активност на жените на Македонија, претседател на Општествено-политичкиот собор на Собранието на СРМ (1976–1980), член на ЦК на СКМ (1976–1980), потпретседател (1981-1984) и претседател на Собранието на СРМ (28. Ⅳ 1984–1985). БИБ.: АСНОМ – израз на историските стремежи на македонскиот народ, 40 години од АСНОМ, Скопје, јули–август 1983, 2–5. ЛИТ.: Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и револуцијата 1941–1945, Скопје, 1976; Доц. д-р Методија Манојловски, Четвртата македонска народноослободителна бригада, ИНИ, Скопје, 2004. С. Мл.