ЛАВ ОХРИДСКИ

ЛАВ ОХРИДСКИ . (Пафлагонија, Мала Азија, XI в. – Охрид, 1056) – охридски архиепископ (ок. 1037–1056) и книжевен деец. По Јоана Дебарски, тој бил прв охридски архиепископ од немакедонско потекло – Византиец. Го обновил соборниот храм „Св. Софија”, разурнат во 1018 г од Византијците при освојувањето на Охрид. Со полемичките дела против Латините и енцикликите упатени до папата Лав IX (1049–1054) и до сите епископи го отворил судирот за конечното одвојување на Западната и Источната црква од општохристијанската екумена. ЛИТ.: И. Снегаров, История на Охридската архиепископия, 1, Второ фототипно издание, София, 1995, 195-197; Ј. Белчовски, Охридската архиепископија од основањето до паѓањето на Македонија под турска власт, Скопје, 1997; И. Велев, Византиско-македонски книжевни врски, Скопје, 2005, 176-178. И. Вел.