КУМАНОВСКИ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНИ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕДИ

КУМАНОВСКИ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНИ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕДИ (12. Ⅹ 1941-1943) – партизански единици на НОВ и ПОМ. Првин биле формирани Карадачкиот НОПО (Менкова Колиба, Кумановско, 12. Ⅹ 1941 – с. Белановце, Кумановско, 14. Ⅹ 1941) и Козјачкиот НОПО (Студена Вода, Кумановско, 12. Ⅹ 1941 – с. Малотино, Кумановско, 17. Ⅹ 1941), но само по неколку дена биле разбиени од бугарските окупаторски сили. Подоцна бил формиран Третиот кумановски НОПО (манастир „Св. Прохор Пчињски”, 2. Ⅷ 1943 – 10. Ⅹ 1943), кој потоа бил преименуван во Скопско-кумановски НОПО (10. Ⅹ 1043-1. Ⅻ 1943), а после прераснал во Кумановски НО баталјон „Јордан Николов” (1. Ⅻ 1943). Подоцна бил формиран и Четврти кумановски НОПО (с. Трговиште, Врањско, 21. Ⅲ 1944). ИЗВ.: Куманово и Кумановско во НОВ 1941–1945. Документи, Куманово, 1988. ЛИТ.: Спомен зборник на загинатите борци од НОВ и жртви на фашистичкиот терор од Куманово и Кумановско 1941–1945, Куманово, 1976; Куманово и Кумановско во НОВ 1941–1942 година. (Материјали од научниот собир одржан на 12, 13 и 14 декември 1978 година), Куманово, 1979; Од десетина до баталјон. (Формирањето и борбениот пат на Вториот кумановски НОПО). Подготвил С. Марков-ски, „Нова Македонија”, ЏЏЏИЏ, 13088– 13097, Скопје, 1–10. Ⅶ 1983. С. Мл.