КУМАНОВО

КУМАНОВО – град во северниот дел на РМ со 78.602 ж. (2002 г.). Се наоѓа во средишниот дел на Кумановско Поле (Жеглигово), од двете страни на Кумановска Река, на надморска висина од околу 330 м. Зафаќа површина од 1886 ха. Има умерено-континентална клима со просечна годишна температура на воздухот од 11,8°Ц и просечно го-дишно количество врнежи од 543 мм. Претставува значаен сообраќаен јазол во северниот дел на РМ. Низ него води меѓународниот пат Е–75 и меѓународна железничка линија, кои на север го поврзуваат со долината на Морава, а на југ со долината на Вардар. Современа сообраќајница води и кон исток и го поврзува со Крива Паланка и Софија, а таква сообраќајница постои и кон југоисток кон Свети Николе и Штип. Како населба се спомнува уште во ⅩⅣ в. Името највероватно потекнува од племето Кумани, дојдени од Кавказ (реката Кума), кон крајот на Ⅹ–XI в. Како градска населба почнало да се развива во ⅩⅤⅠⅠ в. Според описот на Евлија Челебија од 1660 г. во него имало 600 куКуманово ќи, џамија, текија, медреса, ан, амам и повеќе дуќани. Во Австротурската војна (1689) во него Карпош бил прогласен за „крал од Куманово”. По крвавото задушување на востанието од Турците бројот на населението значително опаднал. С” до крајот на ⅩⅤⅠⅠⅠ в. тоа имало претежно аграрна физиономија со околу 300 куќи. А. Буе забележал дека во К. живеат околу 3.000 ж. (1836), а било познато како богато сточно пазариште. Во развојот на градот значајно влијание имале изградбата на државното џаде Скопје–Куманово–Врање во седмата деценија од ⅩⅠⅩ в. и посебно пуштањето во употреба на Моравско-вардарската железница (1888). Тогаш К. станало значајно миграционо средиште, во него се доселуваат Грци од Јанина и Власи од Крушево, а еден кварт е наречен Велешки, бидејќи повеќе од семејствата овде биле дојдени од Велес. Во градот интензивно започнува да се развива занаетчиството и трговијата, така што во почетокот на ⅩⅩ в. населението се зголемило на 14.530 ж. Од нив 7.700 биле Македонци, 5.800 Турци, 600 Албанци, 350 Цигани, 50 Власи и 30 Евреи. Во периодот меѓу двете светски војни Куманово не напреднало многу, па во 1931 г. неговото население броело 16.984 ж. Градот забрзано почнува да се развива дури во годините по Ослободувањето. Во средината на минатиот век (1953) населението броело 23.339 ж., а во почетокот на ⅩⅪ в. тоа се зголемило на 78.602 ж. Од нив 49.198 ж. биле Македонци, 18.825 Албанци, 5.394 Срби, 4.212 Роми, 256 Турци, 108 Власи и 609 се декларирале како други. Денес К. е општина која зафаќа површина од 50.948 ха, има 48 населени места со 105.484 ж. Градот спаѓа меѓу водечките стопански центри во Републиката. Најразвиена дејност е индустријата и тоа: машинската, текстилната, кожарската и тутунската. Во пошироката околина на градот значително е развиено земјоделството. Има Народен музеј, Меморијален музеј „Христијан Тодоровски Карпош”, Уметничка галерија, Спомен костурница од НОБ, а во Кумановско се наоѓаат манастирот „Матејче” над с. Матејче, манастирот „Крапино” во близина на с. Орах, црквата „Св. Ѓорѓи” во с. Старо Нагоричане, споменикот на АСНОМ во с. Пелинце и др. Во градот има една факултетска институција, гимназија и две средни стручни училишта, потоа здравствен дом, дом на културата, град-ска библиотека и други институции од областа на културата и спортот. ЛИТ.: Атанасије Урошевий, Куманово, „Годишен Зборник на ФФ”, кн. Ⅱ, Скопје, 1949; Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2002, кн. Ⅹ, ДСЗ, Скопје, 2004. Ал. Ст.