КУЛА – самостоен објект што служи за одбрана и за живеење. Кулите ги граделе османлиските феудалци на своите имоти и чифлици или во населбите. Имаат квадратна и правоаголна форма, високи се неколку ката. Градени се од камен со дебели ѕидови во чија дебелина се вградени камени скали, освен за последниот кат кој е поврзан со дрвени скали. По ѕидовите има мали отвори – пушкарници. Поголеми прозорци се наоѓаат на последниот кат, каде што се наоѓаат и испуштени балкони – теферичи, изведени во дрво кои лежат на профилирани камени конзоли. Греењето е решено со огништа – камини. Во Скопје е зачувана Беговската кула (најверојатно од почетокот на ⅩⅤⅠⅠⅠ в.). Повеќе кули се зачувани во Кратово, во Кочани и др. Кр. Т. Светлана Кулеванова