КРУПИШТЕ . (село кај Кочани – Кале) – локалитет со археолошки детектирана содржина. Неговата локација врз слабо издигнат терен над околната мочурлива рамнина на сливот на реката Злетовица во Брегалница значително ги обременила досегашните истражувања. Континуираната експлоатација на градежен материјал и фрагментирана архитектонска декоративна пластика од страна на локалното население, што сведочи за постоење на авторитетни архитектонски објекти, придонела за нивната висока руинираност. Локалитетот со околните пунктови (Голем и Мал Ца-пар) се поврзува со постоењето на античкиот град Запара, убикација што не е сосем извесна. Доцносредновековниот град Крупиште, со кој се идентификува овој локалитет, е познат од изворите како г. Меѓу археолошките објекти на теренот доминираат црковните градби: ранохристијанска крстообразна и претпоставена петокорабна базилика, т.н. катедрален храм со мартириум; претпоставената кружна црква на Клетовник и една базиликална градба под денешната црква посветена на Св. Никола (1625/6, обновена во 1880) со можно потекло во рановизантискиот период. Северно од селото се зачувани остатоци од градскиот бедем, а североисточно од него биле гробиштата. ЛИТ.: Б. Алексова, Епископијата на Брегалница, прв словенски црковен и културно-просветен центар во Македонија, Прилеп, 1989, 35–37, 73–104; И. Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје, 1996, 344–348. Љ. Ⅹ.