КРЛЕ, Ристо

КРЛЕ, Ристо (Струга, 3. IX 1900 – Скопје, 29. Ⅹ 1975) – драмски ав-тор, еден од основоположниците на македонската драмска уметност меѓу двете светски војни. Роден е во сиромашно семејство на чевларски мајстор. школувањето му е нередовно и со извесни прекини. Занимавањето со аматерска актерска дејност во родната Струга, како член на Културноуметничкото друштво „Црн Дрим”, во Крле ја разбудува желбата да напише драма. Патот од страста до реализацијата е долг цели 12 години. Во 1925 г. тој заминува на печалба во Подградец (Албанија) каде што работи како чевлар. Истата година ја слуша и потресната приказна за печалбарот што ја имал таа несреќа по 20 години работење да се врати дома и да биде убиен од своите заради парите што ги донел од печалба. Своето најдобро остварување (во пет чина) „Парите се отепувачка” почнува да го пишува во 1932 и по многу дотерувања го завршува во летото на 1937 г. На сцената на Кралски скопски театар е поставено на 27. Ⅻ 1938 г. Овој драм-ски текст на Крле прозвучува најуниверзално од сите македонски социјално-битови драми, зашто се занимава со вечниот проблем на „случајот” или „случајноста” поточно со проблемот на судбинската трагедија. Следниот негов драмски текст напишан во четири чина е „Антица” изведен во јануари 1940 г. Истата година е поставена и неговата драма во три чина „Милион маченици”, во која е прикажана социјалната агонија на струшките чевлари предизвикана од нелојалната конкуренција. По Ослободувањето Ристо Крле напишува уште три драми: „Гроф Миливој”, „Велик ден” и „Невеста пуста девојка”, кои ја немаат свежината во однос на претходните. Неговото творештво се комплетира со уште неколку раскази и недовршената, обемна „Автобиографија”. ДЕЛ: Парите се отепувачка (1938), Ми-лион маченици (1940), Антица (1940), Великден (1950), Гроф Миливој (1958). ЛИТ.: Александар Алексиев, Основоположници на македонската драмска литература (1976); Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990); Јелена Лужина, Историја на македонската драма (македонска битова драма) (1995). В. М.-Ч.