КОЧАНСКА БАЊА

КОЧАНСКА БАЊА – лекувалиште на 5 км западно од Кочани, во с. Бања, на надморска висина од 340 м. Предиспонирана е со расед што води покрај северниот раб на Кочанската Котлина. Водата потекнува од резервоар што е сместен во палеозојски шкрилци и мермери. Порано изворот бил со мала штедрост, но со дупчења количеството на термоминерална вода е зголемено и сега изнесува 65 л/сец, со температура од 64°Ц. Содржи натриум, калиум, калциум и магнезиум, потоа хлор, сулфати, хидрокарбонати, силициумоксид, алуминиумоксид, железооксид и др. Слабо е радиоактивна, има само 8 М.Е. Според физичко-хемиските особини е слична со водата од Негорска Бања. Се смета дека бањата ја користеле уште Римјаните, а подоцна доста активно и Турците. Дене-ска е во состав на здравствениот дом во Кочани. Се користи при лекување на сите видови ревматични заболувања, заболувања на жолчните патишта и мочните канали, гинеколошки, невролошки и катарални заболувања, како и болести на дишните органи. Ал. Ст.