КОСОВРАШКА БАЊА – се наоѓа на 5 км северно од Дебар, на самиот брег на вештачкото езеро шпилје, на надморска висина од 590 м. Бањата со мост е поврзана со патот Маврово–Дебар. Термоминералниот извор е предиспониран со длабински расед. Теренот е изграден од флишни седименти што содржат гипс. Изворот дава 68,8 л/сец вода, која има температура од 48°Ц и радиоактивност од 34 М.Е. Во себе содржи калциум, магнезиум, натриум и калиум, како и сулфати, хидрокарбонати и хлориди. Многу е присутен сулфурводородот, а од ретките елементи литиумот и флуорот. По количеството сулфур во еден литар вода, К. Б. се наоѓа на трето место во Европа и е многу слична со водата од Ахенските Извори. Во неа со успех се лекуваат ревматични, гинеколошки и кожни заболувања, како и болести на жолчните и бубрежните патишта. Здравствениот туризам во бањата започнува да се развива во периодот меѓу двете светски војни, кога се изградени два хотела од по 50 легла (1931 и 1933). Денеска бањата располага со современ хотел од 120 легла, а годишно во неа престојуваат по повеќе од 5.000 посетители.ЛИТ.: Александар Стојмилов, Дебарски Бањи, Бањиште и Косоврашка Бања, „Географски разгледи”, кн. 8–9, Скопје, 1971. Ал. Ст.