КОНСТИТУИРАЊЕ НА ДРЖАВАТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

КОНСТИТУИРАЊЕ НА ДРЖАВАТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД. Практичното конституирање на македонската држава е резултат на антифашистичката борба на македонскиот народ (1941–1945) и на неговата суверено декларирана политичка волја на Првото заседание на АСНОМ (2. Ⅷ 1944), рамноправно со сите други југословенски народи да живее во рамките на Југословенската Федерација. Со тоа, во присуство на претставници на големите сили, е отстранета големата историска неправда против која македонскиот народ се борел со векови. Македонската држава, заснована врз принципите на „рамноправост на сите граѓани пред законите”, „осигурување слободен национален живот на националните малцинства”, „македонскиот како службен јазик” итн., во период од 46 години (1945–1991) функционира како држава – конститутивна членка на Југословенската Федерација со сите елементи на државност во рамките на федеративната конструкција, но без суверени овластувања во односите со државите надвор од федеративниот сојуз. Сепак, и покрај фактот на државност само кон внатре, македонската држава постигнува цивилизациски дострели во културниот, во духовниот, во економскиот, во социјалниот и во политичкиот развиток. Процесот на осамостојувањето на РМ од СФРЈ е демократски и мирен, а не крвав, воен и трагичен. Тоа е причината поради која РМ, с” до избувнувањето на војната во март 2001 г., во споредбеното уставно право фигурира како „модел на мирот на Балканот”. ЛИТ.: Е. Димитров, АСНОМ и интегритетот на македонскиот народ; Ѓ. Цаца, АСНОМ и првиот устав на НРМ, зб. АСНОМ во создавањето на државата на македонскиот народ, Скопје, 1987; Тадеказу Фукасе – Светомир шкариќ, Мирот и уставите, Скопје, 1997. Т. Петр. Факсимил од одлуките и решенијата на Првото заседание на АСНОМ (1944)