КОНДОВСКИ, Димитар

КОНДОВСКИ, Димитар (Прилеп, 30. IX 1927 – Скопје, 8. Ⅷ 1993) – сликар, сценограф, дизајнер, доп. член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има особено значење за развитокот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград (1952). Излагал самостојно во Скопје, Загреб, Рим, Њујорк. Во почетокот, во сликите шаховска табла, Арлекин и Балкон има влијание од Париската школа. Подоцна оформува автохтон геометриски израз, втемелен врз средновековното сликарство и ориенталната орнаментика, и од визуелен и од технолошки аспект (Самрак, Полиптих 2). Користел технологија карактеристична за изработката на икони. Работел и на полето на сценографијата, графиката, илустрацијата. ЛИТ.: Цветан Грозданов, 25 години Кондовски (каталог), Скопје, 1977; Емил Алексиев, Димитар Кондовски, Скопје, 2001; истиот, Димитар Кондовски, МАНУ, 2003. С. Аб.-Д. Димитар Кондовски: Стари писма