КОНДЕВ, Тодор (Кратово, 20. Ⅲ 1903 – Скопје, 10. Ⅹ 1978) – географ. Основно образование добил во родното место, гимназија завршил во Штип и во Кратово, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, Група географија (1926). Како професор по географија работел во повеќе градови во Србија и во Македонија: Куршумлија, Прокупле, Суботица, Нови Сад, Белград, Битола и Скопје. Тој е основач и прв директор на Економскиот техникум во Скопје. Во 1953 г. е избран за предавач по антропогеографија, економска географија и методика на наставата по географија на Катедрата за географија на Филозофскиот факултет во Скопје. Докторирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје на кој бил избиран за доцент, вонреден и редовен професор. Бил продекан на Природно-математичкиот факултет, шеф на Институтот за географија и претседател на Географското друштво на Македонија. Неговите трудови се главно од областа на социоекономската географија. БИБ.: Кратово, Посебна издања Географског друштва, св. 11, Београд, 1931; Осоговија. Природно-географски одлики население и населби, „Годишен зборник на Географскиот институт при ПМФ”, кн. 14, Скопје, 1963; Проблеми на производството и на територијалната разместеност на земјоделството во Македонија, „Географски разгледи”, кн. 5, Скопје, 1967. ЛИТ.: Митко Панов, Проф. д-р Тодор Кондев – живот и дејност, „Географски разгледи”, кн. 15–16 Скопје, 1978. Ал. Ст. Тодорка Кондова -Зафировска