КОМИНТЕРНАТА И МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ (1919–1943). Од формирањето на Коминтерната и нејзиниот Балкански секретаријат македонското национално прашање беше присутно во сите официјални акти, бидејќи беше централен проблем на Балканот, особено по поделбата на Македонија со Балканските војни (1913), потврдена и на Версајската мировна конференција (1919). Отпрвин тоа беше разгледувано како политичко, а во партиските дискусии по 1923 г. и како национално. Активноста и материјалите на Македонското научно-литературно другарство, на Македонската колонија и особено на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград имаше силно воздејство за согледување на националниот карактер на прашањето. Појавата и печатените органи на ВМРО(Об) и на МНС во САД и Канада исто така имаа учество во македонската културно-национална афирмација – не само во сите делови на распарчениот народ, туку и на меѓународни релации. Развитокот на националната свест на народот беше манифестиран веќе низ такви форми што не можеше да не го привлече вниманието и на Коминтерната. Таа согледа свој политички интерес да го поддржи внатрешниот национален развиток и затоа во периодот од 20. Ⅻ 1933 до 7. Ⅰ 1934 г. од Балканскиот секретаријат на Коминтерната беше подготвен текстот на Резолуцијата за македонското национално прашање, прифатен од Политичкиот секретаријат и потврден од Извршниот комитет на 11. Ⅰ 1934 г. што потоа како Резолуција на ЦК на ВМРО (Обед.) во април и.г. беше и објавена во органот „Македонско дело” под наслов „Положбата во Македонија и задачите на ВМРО (Обединета)”. Тоа беше првото меѓународно признавање на македонската нација, јазик и историја и имаше позитивно влијание врз натамошниот развиток на македонската националноослободителна мисла и акција. Тој процес го помогнаа и печатените органи на комунистичките партии на Кометалки со наградниот пехар