КОЗАРЕВ-БАЛКАН, Иван (с. Добриниште, Разлошко, 5. Ⅳ 1901 – Добриниште, Разлошко 1. Ⅳ 1944) – првиот партизан во Македонија и на Балканот. Учествувал во Септемвриското востание (1923), бил еден од најактивните членови на ВМРО(Об). Прогонуван од четниците на Иван Михајлов, нелегално живеел во Софија, Сливен, Пловдив и др. Бил уапсен (1935) и осуден на 5 години затвор. Во затворот посебно внимание му посветил на самообразованието во што му помагал Никола Парапунов. По излегувањето од затвор (1939) учествувал на Конференцијата на која било решено да се создадат канали за поврзување на македонското националноослободително движење на поделена Македонија. Од 7. Ⅱ 1941 г. живее нелегално. Првиот оружен судир со бугарската полиција станал на 26. Ⅵ 1941. Бил борец на првите партизански чети во Пиринскиот крај, а потоа командир на чета на Разлошкиот ПО „Никола Парапунов”. Многупати бил осудуван на смрт (во отсуство). Трагично загинал во близина на родното село. ЛИТ.: Георги Мадолев, Парапуновци. (Спомени),София, 1980; Пирински соколи, София, 1970; Георги Джоджов (Драго), За кого пеят мурите, София, 1971. В. Јот.