КОВАЧЕВ, Јосиф

КОВАЧЕВ, Јосиф (Штип, 14. Ⅰ 1839 – Софија, 31. Ⅹ 1898) – педагог и просветител, модернизатор на школството и образованието во Македонија во втората половина на ⅩⅠⅩ в. Се школувал на Духовната семинарија во Белград (1860–1863) и на Духовната академија во Киев (1864– 1868). По враќањето во Штип (1869) го основал првото Педагошко-богословско училиште во Македонија, преку кое оспособил неколку генерации учители во духот на модерните педагошки барања. Таква дејност, малку подоцна, ќе развие и во Прилеп (1874–1877). За време на руско-турската војна (1877) бил принуден да емигрира во Бугарија каде што на новоотворената Виша школа во Софија бил назначен (1888) за професор по неколку педагошки предмети (Педагогија, Историја на педагогијата, Педагошка психологија). Ковачев е автор на учебникот „школска педагогија” (1873) и на првиот буквар изработен по гласовниот аналитичко-синтетички метод. Прв во македонските училишта го вовел и го распространил звучниот (гласовниот) метод во букварската настава, со што значително го олеснил процесот на почетното читање и пишување кај децата. Внимание посветувал и на народното просветување, односно на образованието на возрасните. Во својата „школска педагогија” и во студијата „Врз организацијата на народните школи” го истакнал значењето и улогата на гимнастиката и детските игри. Тој е истакнат теоретичар и практичар во просветната дејност, систематизатор на гимнастичките вежби и основоположник на педагошко-теоретските и практичните основи на физичкото воспитание. ДЕЛ: школска педагогика, Соф., 1873; Упътство за четанње и писане по звучната метода, 1874; Български буквар по звучната метода за народните училишта, Соф., 1875. ЛИТ.: А. Илиевски, Јосиф Ковачев – неуморен педагошки мислител и деец, Просветно дело, 1, Скопје, 2000, 11–21. К. Камб. – Д. С. Антоанета Ковачевиќ КОВАЧЕВИЌ, Антоанета (Скопје, 27. Ⅲ 1933) – актерка. Еден од основоположниците на Албанската драма во Театарот на народностите во Скопје (1950–1990) г., каде што е и пензионирана и во кој (во континуитет) го носеше тековниот репертоар. УЛО.: Дуњаша („Женидба”), Коштана, Манде и Електра (во истоимените дела), Ортензија („Мирандолина”), Марина („Вујко Вања”), Јокаста („Цар Едип”) и др. Р. Ст.