КОЏОМАН, Вангел

КОЏОМАН, Вангел (Струга, 14. Ⅱ 1904 – Скопје, 28. IX 1994) – сликар, член на МАНУ, еден од основоположниците на македонската современа уметност. Завршил Уметничка школа во Белград (1930). Ретроспективна изложба имал во Скопје (МСУ, 1976). Најчест мотив во неговите дела (акварели, слики, цртежи) се пејзажот и старата градска архитектура. Ликовниот ракопис му се движи од академски реализам со постимпресионистички и кубистички обележја, до елементи на фовизам и колористички експресионизам (Селото Пештани, 1932; Мотив од Охрид, 1937; Покрај Езеро, 1936; Мотив од Прилепско И, 1956). ЛИТ.: Љубица Дамјановска, Вангел Коџоман (каталог), Скопје, 1976; Владимир Величковски, Вангел Коџоман, 100 години од раѓањето (каталог), Скопје, 2004. З. Ал.-Б. Милош Коџоман