КИЧЕВСКИ ОКТОИХ

КИЧЕВСКИ ОКТОИХ -.пергаментен македонски ракопис од средината на ⅩⅠⅠⅠ в. Пронајден е во 1926 од Тома Смилјаниќ-Брадина во црквата „Св. Атанасиј” во с. Премка (Кичевско) и заедно со други словенски ракописи ги предал во Музејот во Скопје, а кога директорот Р. Груиќ во 1937 г. е избран за Лист од Кичевскиот октоих професор на Богословскиот факултет во Белград, при заминувањето ги однел со себе и овие ракописи. Ракописот има вкупно 89 листови: 66 се чуваат во Музејот на СПЦ во Белград во збирката на Р. Груиќ (з И 110 и Г. 227) и 23 во Белградската народна библиотека (Рс 104). Во овој македонски октоих се зачувани преписи од две химнографски творби на св. Климент Охридски: Канон за апостолите Петар и Павле на шести глас и Канон за св. Троица на осми глас. Едно Климентово химнографско дело (Покаен канон за шести глас) е зачувано и во Премчанскиот требник. ЛИТ.: Љ. штављанин-Ѓорѓевиќ, Београдски македонски октоих (из средине ⅩⅠⅠⅠ в.), Симпозиум 1100-годишнина од смртта на Кирил Солунски, 2, Скопје, 1970, 419– 429; Ѓорги Поп-Атанасов, Кичевскиот октоих. Македонски книжевен споменик од ⅩⅠⅠⅠ век, Скопје, 2000; истиот, Премчанските пергаментни ракописи и книжевното дело на св. Климент Охридски, зб.: Класика, Балканистика, палеославистика. Материјали од научниот собир по повод одбележувањето на 85-годишнината од раѓањето и 60 години научна работа на академик Петар Хр. Илиевски, МАНУ, Скопје, 2007, 169–181. Ѓ. П. Ат.