КИЧЕВСКА ЕПАРХИЈА на Охридската архиепископија – формирана во ⅩⅤ или почетокот на ⅩⅤⅠ в. со седиште во Кичево. Во 1598 г. била присоединета кон Дебарската епархија. Се знае само за двајца нејзини епископи: Атанасиј, кој се спомнува во 1529 и 1532 г., и Герасим, забележан во натписот на кичевскиот манастир „Пречиста”. Во почетокот на ⅩⅤⅠⅠⅠ в. била присоединета кон Преспанската епархија. ЛИТ.: Иван Снегаров, История на Охридската архиепископия, И–Ⅱ, второ фототипно издание, София, 1995; Јован Белчовски, Охридска архиепископија од основањето до паѓањето на Македонија под турска власт, Скопје, 1997. Рат. Гр.