КВАНТИТАТИВНИ МЕТОДИ НА ЕКОНОМСКАТА АНАЛИЗА

КВАНТИТАТИВНИ МЕТОДИ НА ЕКОНОМСКАТА АНАЛИЗА – примена на математичкостатистички и економетриски методи и модели (од наједноставни до најсложени) при испитувањето на економските појави и процеси и феномени. Тоа е можно затоа што многу економски појави можат да се квантифицираат и да се изразат преку броеви и модели. Овој факт ја засилува аргументацијата на економската наука при утврдувањето на економските законитости, односно нејзината ригорозност, и ја доближува до природните науки. Сепак, некои од факторите што ги детерминираат економските појави не можат да се квантифицираат. Затоа е неопходно примената на квантитативните методи во економијата да се надополни со квалитативна економска анализа. Евидентен е нагласениот тренд на примена на овие модели во економијата по Втората светска војна и особено последниве триесетина години. Брзиот развој на компјутерската технологија дозволува решавање и на најсложени економски модели. Од друга страна, појавата на теоријата на рационалните очекувања внесе револуционерни промени во начинот на моделирање на економските процеси. Примената на овие модели во македонската економска практика сè уште е скромна. Меѓу редовните универзитетски професори, заслугите за развојот на научните дисциплини поврзани со квантитативните методи на економската анализа кај нас им припаѓаат на: Никола Давидовиќ (прв наставник на Економскиот факултет што ги предавал и ги развивал дисциплините математика за економисти и актуарска математика), Драге Јанев (професор по истите дисциплини на Економскиот факултет во Скопје и прв доктор по актуарство во Македонија), Борислав Благоев (универзитетски професор по статистика), Александар ќурчиев (професор по статистика на Економскиот факултет во Скопје), Славе Ристески (професор по статистика на Економскиот факултет во Скопје), Глигор Поповски (статистика), Мирослава Момирска – Марјановиќ (економетрија), Благоја Старковски и Благородна Теодосиевска (операциони истражувања), Вера Наумоска (математички методи и модели). Последниве неколку години експертите во Дирекцијата за истражување на НБМ бележат значајни резултати во примената на квантитативни модели преку кои се утврдуваат импликациите на монетарните фактори (парите и кредитот) врз агрегатната побарувачка, каматните стапки, реалните фактори и сл. Напредок на овој план е евидентен и кај експертите на Државниот завод за статистика. ИЗВ.: 50 години Економски факултет – Скопје, Скопје, 2000; Интерни материјали од другите соодветни институции. Т. Ф. – М. С.