КАЈАКАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА

КАЈАКАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА. Организирано се јавува со формирањето на првиот КК „Вардар” во Скопје (1934) на чело со Димитрие Ставриќ. По ослободувањето се основани клубовите: „Стрмец” во Охрид (1948), „Црн Дрим” во Струга, „Пеликан” во Ресен, „Мирче Ацев” во Скопје. Бил создаден Поморско-бродарски (1949), односно Бродарски сојуз на Македонија (1953), во кој се активни 34 бродарски друштва и клубови (1951). Формираниот Кајакарски сојуз на Македонија (1966) се дели на посебни сојузи – за мирни и диви води (1975). Југословенското првенство на мирни води е организирано во Охрид (1948), а на диви води на Црни Дрим (1949). Во екипната конкуренција Македонија го зазела двапати третото место во Југославија (1948 и 1949) и еднаш второто (1950), а КК „Стрмец” третото место (1953) – сите на мирни води. КК „Мирче Ацев” од Скопје станал првак на Југославија на диви води (1957), а КК „Ластовица” од Скопје го освоил трипати првенството на Сојузната лига „Исток” (1971–1979). Значаен број на кајакари од Македонија станале прваци на Југославија и државни репрезентативци. На светските првенства биле освоени две четврти, на европските за јуниори едно трето, а на олимписките игри деветто место. Во Македонија биле одржани светски првенства во кајак на диви води во спуст и слалом (1975). Секоја година се организираат меѓународни натпревари на Илинденски кајак слалом на реката Треска (ИКАС, од 1969). ЛИТ.: Душко Симоновски, Кајакот во Македонија, Скопје, 1994. Д. С.