ИСТРАЖУВАЧКИ ЦЕНТАР ЗА ГЕНЕТСКО ИНЖЕНЕРСТВО И БИОТЕХНОЛОГИЈА

ИСТРАЖУВАЧКИ ЦЕНТАР ЗА ГЕНЕТСКО ИНЖЕНЕРСТВО И БИОТЕХНОЛОГИЈА (ИЦГИБ) – научна единица на МАНУ, формирана во 1986 г. Во состав на Центарот е Националната референтна лабораторија за хемоглобинопатии формирана во 1970 г. на Клиниката за детски болести при Мед. ф. во Скопје, која од 1995 г. претставува Меѓународна референтна лабораторија за хемоглобинопатии и Меѓународен информативен центар за хуманиот хемоглобин и неговите абнормалности (ИХИЦ). Основна цел на ИЦГИБ е унапредување на научните сознанија во областа на протеинската хемија, молекуларната медицина, генетското инженерство и биотехнологијата, преку научни истражувања, едукативно-практични курсеви за млади научни кадри и постдипломски студии. ИЦГИБ е лоциран во зградата на МАНУ, со лабораториски прос-тор, со сопствена библиотека и со модерна и софистицирана опрема. Во Центарот континуирано престојуваат по 4-5 постдипломци. Научниците во Центарот работеле на 26 научноистражувачки проекти од областа на молекуларната медицина (молекуларна карактеризација на најчестите моногенски болести, молекуларната епидемиологија на инфективните болести, молекуларните основи на најчестите малигни болести, ДНК-маркери во хуманата идентификација), генетските испитувања на охридската пастрмка итн. Проектите биле финансирани главно од меѓународни извори. Г. Ефр.