ИНТЕРЦЕПЦИЈА НА ВРНЕЖИТЕ ВО ШУМСКИТЕ ЕКОСИСТЕМИ – во Македонија има мал број истражувања на интерцепцијата на врнежите во шумските екосистеми. Таа е изучувана во дабовиот плоскачево-церов екосистем во Националниот парк „Галичица” и во горскиот буков екосистем во Националниот парк „Маврово”. Под интерцепција се подразбира задржувањето на врнежите од биомасата на надземните органи. Просечно, таа изнесува 13% во плоскачево-церовиот дабов екосистем, а 9,43% во горскиот буков екосистем во Националниот парк „Маврово”. Љ. Гр. ИНФЛАЦИЈА – состојба во економијата кога паричните фондови ги надминуваат стоковните фондови поради што доаѓа до зголемување на општото ниво на цени (на цените на сите добра и услуги). Од аспект на нејзината динамика, инфлацијата може да биде: умерена (благ пораст на цените на добрата и услугите, при што нејзиното годишно ниво не надминува едноцифрен износ); галопирачка (претпоставува брз пораст на цените и нејзиниот едноцифрен износ набрзо преоѓа во двоцифрен и троцифрен); хиперинфлација (вртоглав пораст на цените и стапките на годишно ниво можат да пораснат за милион, па дури и милијарда насто). Најстрашни епизоди на хиперинфлација се забележани во: Германија, во периодот помеѓу двете светски војни (од поч. на 1922 до крајот на 1923 г. цените пораснаа од 1 на 10.000.000.000, што предизвика енормно обезвреднување на парите – ако на почетокот на 1922 г. некој поседувал акции вредни 300 милиони долари, две години подоцна со нив не можел да купи ниту една бонбона); Грција (1943– 1944); Унгарија (1923–1924); а во поново време во низа латинскоамерикански земји, во СР Југославија за време на режимот на Ми-лошевиќ итн. Последиците на хиперинфлацијата се: енормна прераспределба на националното богатство, силно искривување на релативните цени на добрата и услугите и разорување на монетарниот систем на земјата. Од аспект на причините што ја детерминираат инфлацијата, постои: инфлација на страната на побарувачката (најчесто е резултат на експанзивна монетарна и буџетска политика); трошочна инфлација (предизвикана од порастот на трошоците на претпријатијата – платите, цените на увозните суровини и сл.); стагфлација (едновремено присуство на релативно високи стапки на инфлацијата и на невработеноста и на стагнантни, па дури и опаѓачки стапки на движење на БДП – често како последица на нафтени шокови) и сл. Позначајни инфлаторни тенденции во СФР Југославија и СР Македонија се јавуваат кон средината на седумдесеттите години на минатиот век. Инфлаторниот притисок во македонската економија во првата половина на осумдесеттите години беше силен: во периодот 1980–1984 г. цените на мало пораснаа за 4,2 пати, а трошоците на живот за четири пати. Во текот на 1991 г. просечната стапка на инфлација изнесуваше 115%, а од 1992 г. македонската економија навлезе во зона на хиперинфлација (1.644%). Дезинфлацијата (сведувањето на инфлацијата во нормални рамки) започна во текот на 1993 г. и особено во 1994 г., кога РМ, во соработка со ММФ, започна да имплементира храбра антиинфлациона програма. Нејзините основни столбови беа: ти-пично рестриктивната монетарна политика (значајно помал пораст на паричната маса М1 во однос на претходните години), следена и со остри буџетски ограничувања (буџетскиот дефицит од 13,4%, 1993 г., беше сведен на 2,7%, 1994 г.), како и со политика на ограничување на платите во јавниот сектор и во претпријатијата со степен на приватизираност помал од 5%. Во текот на 1996 г. просечната стапка на инфлација изнесуваше 2,3%. Оттогаш па сè до денешни дни македонската економија одржува висока ценовна стабилност (ниски стапки на инфлација – помеѓу 1,5 до 2,5%). Ваквиот дезинфлационен напор беше нужен, но тој имаше и своја социјална цена (т.н. коефициент на жртвување) – значаен пад на бруто домашниот производ и пораст на невработеноста.