ИЛИЕВСКИ, Митко Аксентиев (с. Блатец, Кочанско, 27. Ⅴ 1924 – Скопје, 24. Ⅳ 1993) – доајен на македонската филозофија. Гимназиското образование го започнал во Кочани, а матурирал во Штипската гимназија (1945). Раководел со скоевската организација во гимназијата во Кочани (1942–1944), поради што бил затворен од бугарската полиција. На 20 август 1944 г. стапил во НОВ. Завршил Виш економски курс при Владата на ФНРЈ (1946–1947), а потоа бил назначен за началник на одделение при Министерството за комунални работи на НР Македонија (до октомври, 1948). Студиите по филозофија ги започнал на Филозофскиот факултет во Белград (1949), а ги продолжил на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што дипломирал (1952). По дипломирањето работи како професор во Учителската школа во Митко Илиевски Битола (1952–1954), а во учебната 1954/55 г. бил директор на Гимназијата во Кочани. Во 1955 г. е избран за асистент по логика на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што докторирал (1965) и работел до пензионирањето (1987), стекнувајќи ги сите соработнички и наставно-научни звања. Развил богата теориска и педагошка дејност. Предавал: Логика, Основи на материјалистичка филозофија, Дијалектичка логика, Материјалистичка дијалектика, Теорија на познанието, Методологија. Основната филозофска концепција му е антрополошко-хуманистичка варијанта на марксистичката филозофија во која клучна филозофска категорија е „праксисот”. Бил член на редакцијата на југословенското списание „Праџис”. Објавил голем број студии, статии и критички осврти во домашни и странски списанија од доменот на фундаменталната гносеолошкоонтолошка филозофска проблематика, педагошката, политичката и општествената практика. Превел на македонски јазик повеќе капитални филозофски дела, меѓу кои „Материјализам и емпириокритицизам” (В. И. Ленин), „Дијалектика на природата” (Ф. Енгелс), „Учењето за битието” (Хегел, „Енциклопедија на филозофските науки”) и др. БИБ.: Идеализам и материјализам, 1961; Основи на марксистичката филозофија, 1975, (коавтор); Логика, 1976, (коавтор); Марксизам и самоуправување, 1977, (коавтор); Дефиниција, 2001, (постхумно изд.) и др. ЛИТ.: С. Симоновска, Митко Илиевски – филозофски профил, Скопје, 1995. В. Панз. Нанче Илиевски