ИКОНОМОВ, Васил Апостолов (Лазарополе, Дебарско, 6. Ⅴ 1848 – Лазарополе, 4. Ⅵ 1934) – народен учител, собирач и издавач на македонски народни песни и обичаи од Дебарско, печатар, публицист и културно-национален деец. Рано останат сирак, основното образование го добива во селото на народен јазик, а го продолжува во грчка семинарија (или богословско-учителска школа на Атон). Се враќа во селото ок. 1865 г. и станува црковен певец и помошник учител кај чичко му поп Коста. Се запознава со Ст. Верковиќ и пред февруари 1868 г. тој му ги дава првите импулси за собирање фолклорно-етнографски и други материјали. Зачувано е во ракопис „Описание на гр. Кичево”. Се запознава и со рускиот призренски конзул И. С. Јастребов и му дава голем број свои записи на народни песни и обичаи од Дебарско што потоа се публикувани во Јастребовиот зборник (1886). Со продорот на српската пропаганда и во Лазарополе, се добиваат српски учители и книги и се запознава со зборниците на В. Караџиќ. Во 1870-тите години Васил и другар му поп Теофил Жунгулоски се повремено „српски” и „бугарски” учители во селото и певци на словенски во црквата. По убиството на Жунгулоски (1884), Васил бива затворен. Привремено се засолнува во манастирот „Св. Пречиста”. Соплемениците Анатолија и Партенија Зографски и блиските значајни манастирски центри вршат влијание за будење и на русофилството кај Мијаците. М. А. Мушевич и И. Р. Мажовски неколку пати одат во Русија и имаат средби со рускиот цар. По препорака од рускиот битолски конзул, и В. И. оди во С.-Петербург и добива подароци од царот и од рускиот патријарх за Лазаро-поле (1886 и 1897). Често патува во Цариград, Белград и Софија и контактира со министри, научници и општественици. Предава збирка народни песни за објавување во „Сборникъ за народни умотворения, наука и книжнина” (1889). Дел од материјалите се печатат во Зборникот, но приказните остануваат. Предава во Софија и 10 стари ракописи од Македонија (ⅩⅠⅠⅠ–ⅩⅤⅠ в.). Учествува на Учителскиот собор во Прилеп (1891) и во составувањето на антиегзархиската резолуција. Ревизијата во училиштето констатира дека децата не знаат бугарски јазик и дека учителот не ги учи на бугарски и „со своите неразумни проповеди за посебен македонски народ” го подмамува населението и го води „кон гибел”. По 12-годишна егзархиска служба, Икономов е исклучен од учителството (1892). Истовремено и шишмановиот СБНУ престанува да му ги објавува предадените народни умотворби. Оди во Софија, се договара и во печатницата „Македонија” на К. шахов, со материјалната поддршка од своите земјаци го објавува својот прв „Сборникъ отъ старонародни п‹сни и обичаи въ дебърско и кичевско (Западна Македония)” (1893). Во декември 1894 г. добива турски пасош, но на враќање, заедно со други соселани и галичани печалбари, бива киднапиран од „прочуениот арамија Биљал Чела близу до Кичево” и со голем откуп е ослободен (јули 1895). Дебарската црковноучилишна општина го назначува за учител во с. Беличица (20. IX 1895), но соселаните бараат „да се назначат истите учители и Василко Икономов”. На 7. XI 1897 г. добива и решение за Лазарополе. По смртта на неговите 9 деца и разболувањето на сопругата, престојува „две-три години” во Софија. Потоа (1902–1907) служи како певец во бугарската црква во Браила (Романија), каде што објавува и „неколку душеполезни книшки” и подготвува за печат зборник со црковни песни, во добар дел од македонски автори-композитори. Се враќа во Солун (1908), каде што син му учи во Егзархиската гимназија. Со унијатскиот јероѓакон Јосиф Г. Раданов отвораат своја печатница (1909) што „работи околу 7-8 месеци”. Печатницата е затворена од турските власти, бидејќи напечатиле некоја „забранета песнарица”. Веројатно се работи за неговата збирка што содржи и десетина македонски револуционерни народни песни. Во солунската печатница „Аквароне” ја објавува книшката на јероѓаконот И. Христов „Дебърския манастиръ св. Иоанъ, значението за края”, каде што е регистрирана и театарската претстава во манастирот (3. Ⅰ 1908). Балканските војни ги поминува во родното село, а по бугарската окупација е назначен за претседател на Тричлената комисија како основна власт во Лазарополе (20. XI 1915) и закмет на Лазарополската општинска управа. Потоа е преместен за кмет на Требишката општина (24. Ⅻ 1917 – 10. IX 1918). Пред новата српска власт се повлекува во „својата соба” во манастирот „Св. Пречиста”, но на 3 јануари 1919 г. итно е повикан од српските власти и Кралскиот суд на Општина Лазарополе му готви бесилка. Во последен момент го спасува галичанецот В. Чоланчески. Подоцна му е понудена српска пензија, но тој категорично ја одбива. Умира на 86-годишна возраст во родното село. БИБ.: Сборникъ отъ старо-народни п‹сни и обичаи въ дебърско и кичевско (Западна Македония), София, 1893; Сборникъ отъ старо-народни умотворения изъ дебърско, кичевско и охридско, Солунъ, 1895; Христосъ поб‹ждава. Тълкуванието на червеното яйце и пресŠдата на Спасителевит‹ неприятели: Пилата, Анна и Каяфа, Солунъ, 1909; Народна п‹снопойка, Солунъ, 1910; Старонародни песни и обичаи од Западна Македонија. Редакција: д-р Кирил Пенушлиски, д-р Блаже Ристовски, д-р Блаже Петровски, Скопје, 1988. ЛИТ.: Александар Матковски, Книжевната и просветната дејност на учителот Василиј Икономов од Лазарополе, „Просветно дело”, Х, 1-2, Скопје, 1954, 61-74; Глигор Тодоровски, Некои нови материјали од животот на учителот Васил Икономов од Лазарополе, „Просветно дело”, ⅩⅤ, 5-6, 278-285; Д-р Блаже Ристовски, Васил Икономов (1848–1934). Прилог кон проучувањето на македонскиот културно-национален развиток, Скопје, 1985. Бл. Р.